Само еден од пет луѓе ширум светот сè уште пали или на друг начин конзумира тутун, соопшти здравствената агенција на ОН. Но, некои земји сè уште бележат пораст на употребата на тутун.
Напорите на големите тутунски компании да ги задржи луѓето да пушат не успеваат, бројот на луѓе ширум светот што користат тутун драстично опаѓа од генерација во генерација, вели Светската здравствена организација.
Секој петти човек сега пуши или се препушта на друга консумација на тутун, наспроти секој трет во 2000 година, истовремено се предупредува дека треба да се направи уште повеќе за да се одвикнат луѓето од нивната зависност од супстанцијата што му штети на здравјето.
Што вели СЗО?
Во својот глобален извештај, СЗО вели дека 1,25 милијарди луѓе на возраст од 15 или повеќе години користеле тутун во 2022 година наспроти 1,36 милијарди во 2000 година.
Студијата вели дека употребата на тутун е на пат кон натамошно опаѓање до 2030 година на околу 1,2 милијарди луѓе, и покрај очекуваниот раст на светската популација.
Се вели дека Југоисточна Азија и Европа имаат најмногу пушачи, приближно четвртина од населението е сè уште зависно на тутун.
Според студијата, употребата на тутун сè уште е во пораст во неколку земји, вклучувајќи ги Египет, Јордан и Индонезија.
Во друга загрижувачка статистика, се констатира дека во просек, околу 10% од 13- до 15-годишниците на глобално ниво користат еден или повеќе видови на тутун.
Тоа изнесува најмалку 37 милиони адолесценти, вклучувајќи најмалку 12 милиони кои користат нови тутунски производи без чад.
Во извештајот се нагласува дека овие бројки се потценети бидејќи повеќе од 70 земји не даваат податоци.

Огромен убиец
„Постигнат е добар напредок во контролата на тутунот во последниве години, но се уште не е време за задоволителни резултати“, рече д-р Рудигер Крех, директор на Одделот за здравствена промоција на СЗО.
„Гледаме дека во моментот кога владата мисли дека победила во борбата против тутунот, тутунската индустрија ја користи можноста да манипулира со здравствените политики и да ги продава своите смртоносни производи“, вели тој.
СЗО предупреди дека смртните случаи поврзани со тутунот се очекува да останат високи во наредните години и покрај падот на пушачите.
Се проценува дека употребата на тутун убива повеќе од 8 милиони луѓе секоја година, вклучувајќи околу 1,3 милиони непушачи кои се изложени на пасивно пушење, покажуваат статистиките на СЗО.
Според американскиот Центар за контрола на болести, пушењето предизвикува рак, срцеви заболувања, мозочен удар, белодробни заболувања, дијабетес и хронична и опструктивна белодробна болест (ХОББ).
Македонија
Во државава како дел од здравствената политика за намалување на пушењето властите одлучија секој 1 ви јануари цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари да поскапуваат.Така од Нова Година кутија цигари се продава за 5 денари поскапо. Според последното истражување направено пред две години од невладината Аналитика, македонците се лидери по бројот на пушачи во Европа или половина од граѓаните се уживатели на тутун.